Македонија

Започна изборната кампања за локалните избори

Започна изборната кампања за локалните избори

Денес официјално почна дваесетдневната изборна кампања за Локалните избори 2025, закажани за 19 октомври. Партиите, коалициите и независните кандидати од полноќ стартуваа со своите активности, а кампањата ќе трае до 17 октомври на полноќ. Потоа следува 24-часовен изборен молк. Вториот круг гласање е предвиден за 2 ноември.

Според Изборниот законик (член 69-а), изборна кампања претставуваат јавни собири, промотивни настани, поставување плакати, видео-презентации, рекламирање во медиуми и на интернет, делење печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати и нивните програми.

Учесниците можат да поднесат приговор до ДИК за евентуални прекршувања на изборните правила. ДИК е должна да одлучи во рок од 72 часа, а доколку одлуката не се прифати, следи жалба до Управниот суд кој постапува во рок од 72 часа од приемот.

Политичкото рекламирање е дозволено само во медиуми кои се запишани во регистарот што го води ДИК. ААВМУ редовно доставува извештаи за медиумското покривање на изборите и ги објавува на својата веб-страница.

Истражувањата на јавното мислење може да се објавуваат најдоцна до 13 октомври во полноќ. На 11-от ден од кампањата кандидатите се должни да достават финансиски извештаи до надлежните институции. Паралелно тече и рокот за пријавување на изборни набљудувачи.

Ова се осмите локални избори од независноста на државата, а четврти на кои се избираат градоначалници и советнички листи. Ќе се гласа на 3.480 избирачки места за 309 кандидати за градоначалници и 576 листи за членови на општинските совети – вкупно 10.490 кандидати.

Во изборната трка учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на граѓани. Најмногу кандидати за градоначалник има во Скопје – 16.

Право на глас имаат 1.832.415 граѓани, од кои 1.717.803 се во земјата. Во посебниот избирачки список се запишани 112 илјади лица кои престојуваат во странство, 2.162 во притвор или затвор и 450 во старски домови. Гласање во дијаспората нема, но тие што ќе дојдат во земја ќе можат да гласаат.

Болните и изнемоштените избирачи кои сакаат да гласаат дома треба најдоцна до 10 октомври да достават барања до општинските изборни комисии. За лицата во куќен притвор барањата се поднесуваат најдоцна три дена пред изборите, односно до 14 октомври. За нив, како и за болните, немоќните, затворениците и лицата во старски домови, гласањето ќе се одржи на 18 октомври.

Гласањето ќе се спроведува со лична идентификација, биометриски апарати и тајно гласање. Во сите општини се гласа со две ливчиња – за градоначалник и за совет, а во Скопје со четири: за градоначалник на градот, за градоначалник на општината и за двата совета.

Буџетот за изборите изнесува 9,76 милиони евра, од кои најголем дел се средства за медиумите и платеното рекламирање. Дополнително се покриваат трошоците за избирачките одбори, транспортот и логистиката.

Локалните избори се одржуваат на секои четири години во октомври. Досега се организирани во 1996, 2000, 2005, 2009, 2013, 2017 и 2021 година.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни