Македонија

Започна изборот на антикорупционерите, 57 лица во трка за 7 места

Адвокатката и екс заменик министерка во некогашната влада на СДСМ, Тања Алтанџиева е првата кандидатка која се претстави и  беше интервјуирана од Собраниската комисија за избори и назначување како и од претставници на невладините организации. Таа и 56 други кандидати се во трка за членови и претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата. Од вкупно 80 пријавени кандидати, 22 не ги исполнувале условите, а 1 се повлекол. Секој кандидат има 30 минути време за да ја претстави својата визија и план за работа на Антикорупциска и да одговори на прашања од Комисијата. Членот Артан Груби реагираше за неупотребата на албанскиот јазик во Собранието.

„Сите материјали кои ги имаме пред нас треба да бидат и на албански јазик а јас немам ниту еден лист на албански јазик и со тоа се исполнети условите Комисијата да не работи денеска, но заради итноста од избор на членовите на комисијата до објавувањето на изборите на 8 февруари верувам дека ќе работиме, но се надевам дека утре оваа грешка ќе се исправи, особено од страна на службите.“, изјави Артан Груби.

„Благодарам за процедуралната интервенција, на место беше, особено како претседавач со оваа Комисија ќе барам овој недостаток да се отстрани утре во работата на комисијата“, изјави Зекири.

„За кандидатката имав директно прашање во врска со разрешувањето кое го спомнавте, зошто Ве разрешија?“, праша Груби.

За член на Антикорупциска се пријави и обвинителот Златко Биковски во чии раце се наоѓа предметот Пуч. Воедно на него му е изречена дисциплинска мерка од 6 месеци со одземање на една третина од платата, бидејќи не постапувал на време и на соодветен начин во врска со постапката за “27 април“.

На денешната седница на Комисијата треба бидат сослушани 15 кандидати. Другите 42 ќе се претстават следниве денови. На крајот, ќе бидат избрани 7, колку што е предвидено да содржи составот на Антикорупциска комисија. Македонија речиси цела година е без Антикорупциска комисија. Членовите од последниот состав беа принудени да поднесат оставка поради тоа што беше откриено дека користеле лажни уплатници за патни трошоци, иако не оделе на работа и дека земале дневници без да бидат воопшто на службен пат.

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни