Започна изградбата на новата катна гаража зад Собранието во центарот на Скопје. Просторот, кој со години служеше како див паркинг помеѓу Собранието и Домот на Армијата, сега е ограден и расчистен со градежни машини, а е поставена и табла со информации за инвеститорот ДТПУ АНГО ДООЕЛ од Скопје и изведувачот.
Проектот за изградба на катната гаража се соочи со правни пречки во минатото, кога во 2018 година ексградоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, ја поништи градежната дозвола поради непочнување на градежните работи во предвидениот рок. Сепак, инвеститорот поднесе жалба и по долготрајна судска постапка, Управниот суд ја укина одлуката на Општината, дозволувајќи му на инвеститорот да ја продолжи изградбата.
Од Општина Центар изјавуваат дека се обврзани да ги следат насоките од пресудата на Управниот суд и да постапат согласно со неа, при што немаат законска можност да го поништат одобрението за градба. Со ова, сите правни пречки за реализација на проектот се отстранети.
Државното земјиште кај Собранието беше продадено на јавно наддавање во 2013 во времето на премиерот Никола Груевски, а министер за транспорт и врски беше Миле Јанакиески, согласно договорот за отуѓување на катна гаража со компатибилни класи на намена односно изградба на мали комерцијални и деловни единици. Катноста на објектот согласно Детален урбанистички план е П+2, а влезот е предвиден од пристапната улица помеѓу Собрание и Дом на АРМ.

