Македонија

Заврши учебната година, министерката на учениците им порача да читаат лектири летово

Заврши учебната година, министерката на учениците им порача да читаат лектири летово

Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, денес им упати честитки на сите основци и средношколци што ја завршуваат учебната година, со порака да го искористат летниот распуст за одмор, игра, читање и развивање нови вештини.

Во своето обраќање, Јаневска потенцираше дека, покрај заслужениот одмор, учениците не треба да заборават на читање книги, здружување со пријателите и користење на компјутерот за истражување. „Летото е време и за забава, и за учење – проширете ги хоризонтите со нови знаења“, порача министерката.

Честитки добија и наставниците, кои, според Јаневска, се „столбот врз кој го градиме квалитетниот воспитно-образовен систем“. Таа нагласи дека платите им се зголемени за над 12 отсто и дека условите во училиштата постојано се подобруваат.

Посебна благодарност упати и до родителите и старателите, кои се „нашите партнери во образованието“ и без чија поддршка не е возможен напредокот на секое дете.

Министерството за образование и наука, најави Јаневска, продолжува со низа реформи:

  • изработка на нова Стратегија за образование;
  • воведување едносменско работење и продолжен престој во што поголем број училишта;
  • подобрување на инфраструктурата;
  • ревизија и надградба на наставните програми и учебниците;
  • забрзување на процесот на дигитализација.

Во тековната учебна година, Министерството обезбеди учебници за предмети каде недостасуваа, усвои клучни закони и, во соработка со општините, ја зајакна безбедноста и инклузивноста во училиштата. За наредната 2025/2026 година, Јаневска порача дека очекува уште поголеми заложби за на децата да им се обезбеди образование какво што заслужуваат.

„Пријатен летен распуст на сите ученици и ученици!“ – заврши своето обраќање министерката.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни