Обвинителката Фатиме Фетаи, во завршните зборови за случајот „Титаник 2“, рече дека врз основа на доказите е констатирано оти обвинетите го извршиле кривичното дело за кое се товарат и побара затворска казна за сите. Фатиме вели дека Мијалков како директор на УБК и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, го искористил своето влијание и преку Мендух Тачи издејствувал поништување на гласањето на три избирачки места во Струмица на локалните избори во 2013 година. Обвинителката, ги цитираше и прислушуваните разговори, во кои обвинетите се договараат за вршење на делото.
По разговорот со Мијалков, Тачи веднаш стапил во контакт со Бедредин Ибрахими.
За обвинетите членови на ДИК, Фетаи рече дека ги пречекориле нивните надлежности и флагрантно го прекршиле законот, делувајќи врз основа на партиските интереси. При вршењето на кривичното дело, според обвинителката, обвинетите имале две пречки – ДИК и Управниот суд.
„Обвинетите, Државната изборна комисија ја уништиле со само два телефонски разговори. Што се однесува до втората пречка, Управниот суд, не се мачеле премногу, не за џабе постоеја тефтерчињата на Јанкулоска. Правното мислење на Управниот суд, било на иста линија со ставот на владејачката партија“, изјави Фатиме Фетаи – обвинителка на СЈО.
Штетата предизвикана врз буџетот со прегласувањето е проценета на 26 илјади денари, иако првично беше проценета на околу 146.000 денари. Во „Титаник 2“ обвинети се лидерот на ДПА, Мендух Тачи, екс- директор на УБК, Сашо Мијалков, како и поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.
Во случајот, претходно беа обвинети и петмина судии од Управниот суд, но Апелација ги спаси од кривично гонење. Наредното рочиште, на кое адвокатите и одбраната ќе ги дадат завршните зборови е закажано за 19 февруари, по што ќе биде донесена пресудата.
РЕПОРТЕР: АРМЕНД ГАШИ