Свет

Зеленски: Русија треба да ја заврши војната или да најде засолништа од бомби

Зеленски: Русија треба да ја заврши војната или да најде засолништа од бомби

Украинскиот претседател Володимир Зеленски им постави ултиматум на руските власти да ја запрат војната или „да најдат засолништа од бомби“, рече тој во интервју за новинската мрежа „Аксиос шоу“.

Тој рече дека украинската војска нема да се двоуми да нападне центри на руска моќ, како што е Кремљ, доколку продолжат руските напади врз инфраструктурата и цивилите во Украина.

„Тие треба да знаат каде се наоѓаат засолништата од бомби“, изјави тој, уверувајќи дека „ќе им бидат потребни“. Зеленски, сепак, нагласи дека цивилното население никогаш нема да биде цел на украински напади, пренесе БНР.

Во истото интервју тој изјави дека претседателот на САД, Доналд Трамп, дал зелено светло за изведување на одмазднички удари врз Русија со американско оружје, доколку Русија ја нападне енергетската инфраструктура на Украина.

„Ако ја нападнат нашата енергетика, претседателот Трамп ја поддржува идејата дека можеме да одговориме врз нивната енергетика“, рече Зеленски. Тој додаде дека, кога двајцата лидери се сретнале во вторникот, побарал од Трамп една конкретна работа – нов оружен систем кој би го принудил рускиот претседател Владимир Путин да се вклучи во преговори.

Тој забележа дека ќе го открие системот откако ќе бидат исклучени камерите. Иако призна дека Украина веќе располага со дронови способни да изведуваат напади длабоко во Русија, додаде дека бара дополнителен оружен систем за да се забрза крајот на војната.

Покрај тоа, украинскиот претседател истакна дека е „подготвен“ да се повлече од функцијата по завршувањето на војната, нагласувајќи дека неговата „цел“ е да стави крај на овој конфликт. Зеленски, исто така, посочи дека ќе инсистира на избори доколку се постигне прекин на огнот со Русија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни