Силен земјотрес со магнитуда од 6,6 степени според Рихтеровата скала денеска го погоди регионот на Тајван, соопштија сеизмолошките служби.
Потресот е регистриран во 15:05 часот по светско време (23:05 часот по локално време), со епицентар на околу 60 километри југоисточно од градот Килунг и 31 километар источно од Јилан. Хипоцентарот на земјотресот бил на длабочина од 68 километри.
Според првичните информации, земјотресот бил силно почувствуван во поширокиот регион, а сведоци опишуваат интензивно и продолжено тресење кое траело околу една минута. Граѓани кои се наоѓале на повисоки катови од објекти наведуваат дека предмети се нишале, а дел од нив паднале на подот, иако не е пријавена сериозна материјална штета.
„Тресењето беше силно и долго, но ништо не се скрши. Сепак, беше многу застрашувачко“, изјавил еден од сведоците. Други граѓани посочуваат дека и на деветти кат од хотел движењето било изразено и јасно почувствувано.
Засега нема информации за жртви или поголеми оштетувања, а надлежните служби продолжуваат со следење на состојбата и проценка на евентуалните последици.