Трошоците за живот во изминатите пет години значително побрзо растеле од приходите на граѓаните, покажува најновата анализа на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) за вредноста на синдикалната минимална кошница.
Според податоците, вредноста на кошницата се зголемила за 103%, додека во истиот период минималната плата пораснала за 71,4%, а просечната плата за 63,9%. Тоа, како што наведуваат од ССМ, покажува дека растот на платите не го следи растот на трошоците за живот.
Анализата укажува дека во 2021 година за покривање на синдикалната минимална кошница биле потребни 2,2 минимални плати, додека во 2026 година се потребни 2,6 минимални плати. Истовремено, една просечна плата која во 2021 година покривала 84% од кошницата, сега покрива околу 68%.
Претставникот на ССМ, Иван Пешевски, оценува дека животниот стандард континуирано се влошува и дека цените растат побрзо од платите.
– Нашата анализа за последните 5 години покажува дека животот е поскап за точно 103%, што е многу ако се спореди порастот на минималната и просечната плата. Животот во Македонија од ден на ден станува сè поскап и ни претходната ни оваа влада не донесоа конкретни мерки со кои би се зачувал животниот стандард на работниците. Затоа постојано апелираме и бараме да се покачуваат платите, но тоа покачување некако е изедено од инфлацијата – изјави Пешевски.
Граѓаните, пак, во анкетите велат дека секојдневно се соочуваат со раст на цените, особено кај основните прехранбени производи. Дел од нив посочуваат дека овошјето, зеленчукот, месото, млечните производи и јајцата значително поскапеле, поради што сè почесто прават детални пресметки при пазарење.
– Скапо многу, ужас. Поготово овошјето и зеленчукот – изјави еден граѓанин, додека други додаваат дека поскапувањата се чувствуваат во речиси сите категории на храна.
Според ССМ, вредноста на синдикалната минимална кошница за април 2026 година изнесува 68.797 денари, што е зголемување од 979 денари во однос на март. Во првите четири месеци од годината, зголемувањето изнесува 3.305 денари, при што најголем раст е забележан кај храната.
Во меѓувреме, од економските институции посочуваат дека засега нема основа за интервенција во однос на цените во маркетите, сè додека не се утврдат евентуални зголемени маржи, а најавени се и засилени контроли во наредниот период.
Паралелно со тоа, граѓаните од денеска се соочуваат и со ново поскапување на горивата, што дополнително ги зголемува трошоците за секојдневниот живот.