Македонија

11 пријави за семејно насилство за едно деноноќие, полицијата привела повеќе лица

11 пријави за семејно насилство за едно деноноќие, полицијата привела повеќе лица

Следењето, заканите и физичките напади врз членови на семејството повторно се регистрирани во повеќе градови низ државата. Во изминатите 24 часа полицијата евидентирала вкупно 11 пријави за семејно насилство, а во неколку случаи осомничените биле лишени од слобода.

Меѓу пријавените случаи е и оној во Прилеп, каде што жена пријавила дека подолг период била следена и вознемирувана од поранешниот партнер. Според пријавата, тој доаѓал на нејзиното работно место, ја следел до домот и ѝ испраќал пораки со навредлива содржина.

Во општина Ново Село, полицијата привела 62-годишен маж по пријава дека агресивно се однесувал кон својата 57-годишна сопруга во семејниот дом. Во друг случај во Струмица, 65-годишен маж пријавил агресивно однесување од својот 33-годишен син, кој бил спроведен во медицинска установа.

Сериозен случај бил пријавен и во струмичко село, каде што 38-годишен маж бил лишен од слобода по сомнение дека физички ја нападнал својата 33-годишна сопруга, а потоа неа и нивните малолетни деца ги истерал од семејниот дом.

Во Велес, приведен бил 45-годишен маж по пријава дека физички ја нападнал и ѝ се заканувал на својата поранешна сопруга. Сличен случај е регистриран и во Злетово, каде што 49-годишен маж бил лишен од слобода по пријава од 37-годишната партнерка дека ја нападнал.

Полицијата интервенирала и во Гостивар, каде што бил приведен 42-годишен маж по пријава од неговата 38-годишна сопруга за телесна повреда. Во Охрид, пак, 41-годишна жена пријавила дека сопругот телефонски ѝ упатувал навреди и закани додека била на работното место.

Неколку случаи се евидентирани и во Скопје. На подрачјето на Чаир бил приведен 51-годишен маж, по пријава дека физички ја нападнал својата 47-годишна сопруга.

Во Ѓорче Петров, 19-годишник пријавил дека бил физички нападнат и му биле упатувани закани од неговата поранешна 17-годишна партнерка, која, според пријавата, ја оштетила и влезната врата од неговиот дом, како и неговото возило.

Во Центар, 19-годишна девојка пријавила дека нејзиниот 49-годишен татко упатувал закани кон неа и нејзината мајка.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека по сите пријави се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случаите, по што ќе следуваат соодветни поднесоци.

Од МВР упатуваат апел граѓаните да не го премолчуваат семејното насилство и навремено да го пријавуваат секој облик на насилство. Жртвите, но и сите кои имаат сознанија дека некое лице е изложено на насилство, можат да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 112 и 192.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни