Македонија

12 пожари на отворено за едно деноноќие, четири се уште активни

12 пожари на отворено за едно деноноќие, четири се уште активни

Вкупно 12 пожари на отворен простор се регистрирани во земјава до 13 часот денеска, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од нив, четири се активни, седум се ставени под контрола, а еден пожар е целосно изгаснат.

Активни пожари има во четири општини. Во Општина Сарај гори нискостеблеста шума и ниска вегетација во атарите на селата Копаница и Радуша.

Пожар е активен и во Штипско, на потегот меѓу селата Селце, Пухче, Степанци и Лакавица, каде што е зафатена ниска вегетација.

Во Струшко, пожарот ги зафаќа шумските предели кај селата Пискупштина, Луково и Буринец, додека активен пожар е регистриран и во Долнени, во близина на селото Лажани, каде што гори ниска вегетација.

Под контрола се седум пожари. Во Општина Македонски Брод се регистрирани два пожари – кај селата Битово, Заград и Страјане, каде што се зафатени нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат, како и кај селото Драгов Дол, каде што гори ниска вегетација и шума.

Пожари под контрола има и над селото Палиград во Општина Зелениково, кај селото Стиник во Ново Село, кај селото Градец во Виница, на градската депонија Острец во Делчево и кај селото Јеловјане во Општина Боговиње.

Еден пожар е целосно изгаснат. Станува збор за пожарот кај велешкото село Бузалково, каде што горело стрниште.

Од ЦУК продолжуваат со следење на состојбата и координација со надлежните служби за справување со пожарите.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни