Битолскиот конгрес за создавање на една, единствена азбука на албанскиот јазик се одржа во периодот од 14 до 22 ноември во Битола со учество на, како што се наведува во документираниот повик, Албанци геги, тоски, странци и посебно филозофи кои биле заинтересирани за отвореното прашање.
Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на албанската азбука, упати честитка до припадниците на албанската етничка заедница во Македонија.
„Унифицирањето на албанската азбука кое се случи пред 113 години во Битола не беше само пресвртен момент во кодифицирањето на албанскиот јазик и негово етаблирање, туку и клучен културен, духовен и национален потфат на албанскиот народ. Оттука, 22 Ноември има суштинско значење за Албанците и не е само нивен национален празник, туку датум кој со пиетет го чествуваат сите граѓани во нашата мултикултурна и мултиетничка Република Северна Македонија. Живееме во навистина комплексно и неспокојно време. Токму сега треба да покажеме дека сплотеноста, солидарноста, меѓусебното уважување и почитување, ќе продолжат да бидат наш сигурен бедем пред сите предизвици и тешкотии кои ги живееме. Да не губиме волја и надеж, и да работиме за просперитетот и за благосостојбата на сите наши граѓани. Честит 22 Ноември“, стои во честитката од Пендаровски.
Премиерот Зоран Заев преку својот Фејсбук профил објави честитка по повод Денот на албанската азбука.
„Тоа е посебноста и суштината на нашето заедништво што се градеше со векови и што претставува обврска за нашата заедничка иднина.Го честитам празникот – Ден на албанската азбука на сите припадници на албанската заедница и на сите граѓани.Да го прославуваме заеднички и да ги славиме постоењето и зближувањето на културните традиции, кои на овие простори опстојувале заедно со векови. Заедништвото и грижата која си ја пружаме едни на други се гаранцијата за нашата сигурна и просперитетна, европска иднина. Да ги празнуваме и чествуваме етничките и јазичните различности на нашето општество како наша предност. Како наше заедничко богатство“, посочува Заев.
Претседателот на Собранието Талат Џафери упати честитка по повод Денот на албанската азбука – 22 Ноември, што, како што наведува, е исклучително значаен празник за албанската заедница.
„Тоа е моќна алатка која обединува луѓе, обединува идеи и овозможува соработка и се разбира напредок и интелектуален, културен и уметнички развој на еден народ, но над сè е идентитетски знак на еден народ а Република Северна Македонија е земја во која се негуваат и почитуваат сите различности. Со негување на јазичните и културните разлики, заедно придонесуваме кон зачувување на заедничките трајни вредности и воедно вложуваме во подобра иднина на нашите млади поколенија, посочува Џафери во честитката. Честит 22 Ноември – Денот на албанската азбука“, посочува Џафери во честитката.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски упати честитка по повод 22 Ноември – Денот на aлбанската азбука
„Азбуката и нејзиното стандардизирање е клучен момент за развојот на еден јазик, неговата граматика и книжевност. На денешен ден е стандардизирана албанската азбука, и со тоа почнува еден нов период за нивниот културен развој, им го честитам на сите припадници на албанската заедница денешниот ден, и му посакувам уште многу дела и културни достигнувања на овој народ.. Само низ културата и со развој на книжевноста народот не само што расте, се развива и созрева, туку и остава пишан материјал, кој е сеќавање за заедницата. Ние како македонци тоа многу добро го знаеме, и затоа и го почитуваме овој ден кој е исто така од голема важност за нашите сонародници“, пишува Пендаровски.
Денес се навршуваат 113 години од денот кога во Битола на 22 ноември 1908 година, во зградата каде што бил сместен клубот „Башкими“ се одржа Конгресот за унифицирање на азбуката на албанскиот јазик.