Необична објава на министерката за образование во Федерацијата Босна и Херцеговина, Јасна Дураковиќ, предизвика лавина реакции на социјалните мрежи, откако таа преку видео на ТикТок најави дека ќе го намали интензитетот на своите активности поради ретроградниот Меркур.
Дураковиќ во видеото посочила дека астролошкиот период, за кој навела дека трае од 30 октомври до 14 ноември, негативно се одразил врз нејзината комуникација со околината. Како што објаснила, по серијата непријатни искуства во изминатите денови, почнала да размислува дали положбата на планетите навистина влијае врз расположението и однесувањето на луѓето.
Нејзината изјава брзо се проширила на социјалните мрежи и предизвикала бројни коментари. Додека дел од корисниците реагирале со критики и иронија, други се прашувале дали видеото е автентично или е создадено со помош на вештачка интелигенција.
Меѓу коментарите имало и хумористични предлози испитните рокови да се одложат до 14 ноември, кога, според наводите во видеото, завршува споменатиот астролошки период.
По големиот интерес и реакциите во јавноста, министерката се огласила на Фејсбук, каде што појаснила дека нејзината објава била замислена како шега.
Дураковиќ објаснила дека станувало збор за хумористична содржина со која сакала да ја забавува публиката, а не за сериозна најава за промена на нејзините службени активности.