Министерството за внатрешни работи доби ново засилување со 496 полициски службеници, кои по успешно завршената обука денеска ја положија свечената заклетва и официјално станаа дел од македонската полиција.
На свечената промоција на новата генерација полициски службеници 2025–2026 во Центарот за обука во Идризово, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски порача дека полициската професија не е само занимање, туку повик кој бара храброст, чесност, професионалност и одговорност.
„Со денешната свечена заклетва не добивате само работно место, туку прифаќате голема одговорност и ја преземате честа да ја носите униформата која граѓаните ја препознаваат како симбол на редот, законот и сигурноста“, истакна Тошковски.
Министерот посочи дека во изминатиот период МВР спроведува процес на модернизација и зајакнување на полициските капацитети преку инвестиции во нови полициски објекти, современа опрема, возила, дигитализација на услугите и воведување нови безбедносни системи.
Тошковски нагласи дека намалувањето на криминалитетот е резултат на посветената работа на полициските службеници, но и на реформите и професионализацијата на институцијата.
„Денес Република Македонија има најнизок криминалитет во последните дваесет години, што е резултат на работата на секој полициски службеник, но и на реформите, модернизацијата и професионализацијата што континуирано ги спроведуваме“, рече тој.
Новата генерација полициски службеници ја сочинуваат кадри за различни полициски сектори – два тима за специјалните полициски единици, два тима за гранична полиција и десет тима за полиција од општа и сообраќајна надлежност.
Од МВР информираат дека основната обука успешно ја завршиле 364 кандидати за полиција од општа надлежност и сообраќај, 78 кандидати за гранична полиција и 54 кандидати за специјалните полициски единици.
Раководителот на Полициската академија, Влатко Митковски, истакна дека оваа генерација е првата која ја завршила новата основна обука организирана во три специјализирани модули, при што кандидатите стекнале професионални знаења и практични вештини за извршување на полициските задачи.
Тој нагласи дека новите полициски службеници се издвојуваат и по својата хуманост, преку учество во доброволни хуманитарни активности и крводарителски акции за време на обуката.
Центарот за обука во Идризово, кој од оваа година прерасна во Полициска академија, продолжува со унапредување на образовниот процес, а од септември повторно ќе започне со работа и Средното полициско училиште „7 Мај“.
На свеченоста беа доделени признанија за најуспешните тимови, а за најдобар кандидат од генерацијата 2025–2026 беше прогласен Јован Тасевски, кој доби свечена плакета од министерот Тошковски.
Со положувањето на заклетвата, новите полициски службеници ја презедоа обврската чесно, законито и професионално да им служат на граѓаните и на државата.