На денешен ден, пред точно седум години, Македонија го загуби еден од своите најпрепознатливи музички гласови – Влатко Илиевски. Пејачот кој зад себе остави богато музичко наследство, искрена насмевка и неповторлива енергија, почина на 6 јули 2018 година, на само 33-годишна возраст.
Роден на 2 јули 1985 година во Скопје, Влатко уште од мали нозе го следеше ритамот на музиката. На 12 години почна да свири гитара, а само неколку години подоцна беше забележан од јавноста како фронтмен на рок-бендот „Морал“, со кој го сними легендарниот хит „Кога патувам“. Музичкиот подем на Илиевски беше експлозивен, а неговата појава веднаш го освои срцето на публиката.
Во 2007 година ја започна својата соло кариера, со песни кои брзо станаа хитови: „Небо“, „Гушни ме“, „Уште си ми ти“, „Сите ми се криви“, „Среќа“, „Пак на старо“ и многу други. Неговите настапи беа полни со страст, спонтаност и контакт со публиката – токму поради тоа, во 2011 година ја претставуваше Македонија на Евровизија во Дизелдорф, Германија, со песната „Русинка“.
Покрај пеењето, Влатко беше и дипломиран актер. Заврши на Факултетот за драмски уметности во Скопје, каде дипломираше со претставата „Гнев“ по текст на Стивен Кинг.
Во 2017 година, се врати во групата „Морал“, со која го сними последниот албум „Кофеин Блуз“ и го одржа последниот концерт во 2018-та, само неколку месеци пред неговата смрт.
Седум години подоцна, Влатко Илиевски останува незаменлив дел од македонската музичка сцена. Неговите песни сè уште се пеат, неговите текстови се цитираат, а неговиот лик се памети со љубов и тага.
„Гушни ме, за последен пат…“ – стих што сега звучи уште повистинито.
Нека му е вечна слава и нека продолжи да живее преку музиката што ја остави.
