Свет

87 луѓе слетаа со приватни авиони на Светскиот самит за климата – тоа се 777 тони јаглерод диоксид

87 луѓе слетаа со приватни авиони на Светскиот самит за климата – тоа се 777 тони јаглерод диоксид

Вкупно 87 приватни авиони слетале на аеродромот во Анталија од 7 ноември досега, во периодот на одржување на климатската конференција на Обединетите нации COP31. Нивните летови создале приближно 777 тони јаглерод диоксид, покажува анализата на меѓународната невладина организација „Оксфам“, пренесува БТА.

Анализата се темели на податоци од платформата за следење приватни летови „Полутерџет“. Меѓу регистрираните авиони е и оној на нигерискиот милијардер Алико Данготе.

Според „Оксфам“, неговиот авион прелетал околу 4.370 километри од Лагос до Анталија и испуштил приближно 30 тони јаглерод диоксид — количество што, според споредбата на организацијата, одговара на емисиите на просечен човек за шест години.

За споредба, на минатогодишната климатска конференција COP30 во Бразил биле регистрирани 66 приватни летови.

Организацијата предупредува дека приватните авиони се меѓу превозните средства што најмногу загадуваат, а нивната употреба расте паралелно со концентрацијата на богатството. Според изнесените податоци, околу 250.000 луѓе користат приватни авиони, што претставува приближно 0,003 проценти од светското население.

Во анализата се наведува дека во 2025 година еден приватен лет во просек создавал толку јаглеродни емисии колку еден човек за цела година. Речиси 68 проценти од полетувањата биле од САД.

Оданочувањето на приватните авиони би можело да обезбеди околу 45 милијарди долари годишно, според проценката на меѓународната коалиција Global Solidarity Levies Task Force, формирана на COP28 во 2023 година. Тој износ е речиси 12 пати поголем од средствата што богатите држави ги издвоиле за климатските фондови на ОН во 2025 година.

„Оксфам“ укажува и на нееднаквата одговорност за климатските промени. Според организацијата, емисиите на еден припадник на најбогатиот еден процент од светското население придонесуваат 34 пати повеќе за денешните екстремни горештини од оние на просечен жител и 100 пати повеќе од емисиите на човек од најсиромашната половина на населението.

Во периодот од јануари до септември 2026 година, според изнесените податоци, во 106 држави биле забележани нови рекордно високи месечни температури.

„Овие рекорди не се случајни метеоролошки појави. Тие се предвидливи последици од економија заснована на фосилни горива, во која најголемите загадувачи се и најдобро заштитени од последиците“, изјави извршниот директор на „Оксфам интернешнл“, Амитаб Бехар.

Климатската конференција COP31 во Анталија трае до 20 ноември.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни