Свет

89 руски војници загинаа во Украина поради неовластена употреба на мобилни телефони

89 руски војници загинаа во Украина поради неовластена употреба на мобилни телефони

Руското Министерство за одбрана објави дека 89 руски војници биле убиени во украинскиот напад на Макеевка за време на викендот. Како главна причина за нападот се наведува неовластената употреба на мобилни телефони од војниците, објави Ројтерс, повикувајќи се на соопштение на одделот.

Висок руски воен претставник соопшти дека веднаш по нападот командата и офицерите на воената единица, помладите команданти и војниците од другите единици ги презеле сите можни мерки за спасување на повредените.

Меѓутоа, за време на расчистувањето на урнатините, бројот на загинатите се искачи на 89, изјави за новинарите генерал-полковник Сергеј Севрјуков од Главната воено-политичка управа на руските вооружени сили, цитиран од ТАСС.

Според Министерството за одбрана, меѓу загинатите е и заменик-командантот на полкот.

„Веќе е очигледно дека главната причина за тоа што се случи беше вклучувањето и масовната употреба од страна на персоналот, и покрај забраната, на мобилни телефони во дострелот на непријателското оружје. Овој фактор му овозможи на непријателот да ги следи и утврди координатите на локација на војниците за да извршат ракетен напад“, рече Севрјуков, додавајќи дека се преземаат мерки за да се спречат слични трагедии во иднина.

Севрјуков, исто така, рече дека комисија ги истражува околностите околу случајот и врз основа на резултатите од истрагата, одговорните за она што се случи ќе одговараат.

Претходно Министерството за одбрана соопшти дека 63 руски војници загинале во украинскиот напад врз градот Макеевка на новогодишната ноќ. Според него, Украинците истрелале шест гранати од ракетниот систем „Химарс“ во точка за привремено распоредување на руска воена единица во областа на градот во источната периферија на Доњецк. Зградата беше погодена од „четири ракети со боева глава со голема експлозивна сила“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни