Breaking Народна банка управува со Алта банка >>> Следете во живо
Балкан

Советот на Централната банка на Црна Гора го одзеде одобрението за платни услуги на Алта Пеј Груп

Советот на Централната банка на Црна Гора го одзеде одобрението за платни услуги на Алта Пеј Груп

Советот на Централната банка на Црна Гора на денешната седница донесе одлука за одземање на одобрението за обезбедување платни услуги на платната институција „Алта Пеј Груп“ ДОО Подгорица, откако во спроведената постапка било утврдено дека повеќе не се исполнети законските услови за вршење на оваа дејност, соопштија од Централната банка. Веста ја пренесуваат „Вијести“ и Н1.

Според соопштението, одлуката е донесена во согласност со Законот за платниот промет, врз основа на сеопфатна процена на исполнетоста на регулаторните барања, вклучително и критериумите што се однесуваат на подобноста на квалификуваниот сопственик на учество и обезбедување стабилно, безбедно и законито работење на платната институција.

Централната банка нагласува дека оваа одлука не претставува ризик за финансиската стабилност на Црна Гора и не влијае на редовното функционирање на платниот систем. „Алта Пеј Груп“ ДОО Подгорица не е банка, не прима депозити од граѓаните и компаниите и нема влијание врз стабилноста на финансискиот систем на државата.

„Централната банка навремено презеде сè што е во нејзина надлежност за, во светло на актуелните случувања, да се обезбеди уредно извршување на обврските на ‘Алта Пеј Груп’ ДОО Подгорица и да се заштитат интересите на корисниците“, се наведува во соопштението.

Од Советот на Централната банка дополнително уверуваат дека финансискиот систем на Црна Гора е стабилен, а платниот промет функционира редовно и безбедно. Граѓаните и компаниите можат непречено да продолжат да ги користат платните услуги на банките и другите овластени даватели на платни услуги во земјата. Институцијата најави дека ќе продолжи одговорно, навремено и транспарентно да ја информира јавноста за сите прашања значајни за сигурноста на платниот промет и стабилноста на финансискиот систем.

Ноќно студио

Најнова епизода

Барутана, „Треска“ и кула од 105 метри: Каде оди Скопје? Ноќно студио со Билјана Ф. Тодорчевска

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни