Свет

Филмско апсење во Сингапур – го лоцирале, идентификувале и пратиле во психијатрија бидејќи не носел маска во метро

Филмско апсење се случи во Сингапур.

Тамошната полиција лоцирала, идентификувала и пратила во психијатрија 39-годишен Британец кој додека се возел со метро, не носел заштитна маска.

Се работи за Бенџамин Глин, 39-годишен Британец кој на 7 мај во Сингапур бил уапсен бидејќи не носел заштитна маска, а потоа е префрлен во психијатриска болница откако судскиот процес против него го нарекол „одвратен“, пишува Телеграф.

„Одбивам да бидам роб, мислам дека е лудо да ми се суди поради неносење маска“, истакнал тој на судењето.

Имено, него му било дозволено да се брани од слобода, но сега има дополнително обвинение бидејќи не носел маска ни на појавувањето на суд во месец јули.

Заменик обвинителот Тимотеус Кох барал од судот да го испрати Глин на психијатриско вештачење откако неговото семејство истакнало дека „се променил“ од почетокот на пандемијата.

„Однесувањето на обвинетиот во судот зборува за себе“, истакнал Кох, на што Глин со повисок тон му одговорил „Мојот ум е кристално чист, потполно сум буден. Просветлен сум“

Британецот рекол дека неговото семејство се вратило без него во Лидс и барал од судот да го ослободи бидејќи и така сака да го напушти Сингапур.

Судот сепак одлучил да го држи на следење во Институтот за ментално здравје во Сингапур се до продолжението на судењето, на 19 август.

Тој бил обвинет за вознемирување, нарушување на јавниот ред и мир, и неносење на заштитна маска.

Во случај да го прогласат за виновен за вознемирување, му се заканува максимум една година затвор и 2.600 фунти парична казна, а доколку се утврди дека е виновен за кршење на мерките за сузбивање на ширењето на ковид-19, може да добие шест месеци затвор и парична казна од 5.300 фунти.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни