Додека САД се соочуваат со исклучителен прекин на сите летови поради проблеми со комуникациските системи за контрола на летањето, се дозна дека Федералната управа за авијација на САД (FAA) пред само три дена низ целата земја вовела нов систем заснован на вештачка интелигенција.
Оваа информација ја објавија технолошките портали „Gizmodo“ и „Ars Technica“, а ја потврди и самата FAA во официјално соопштение од 10 ноември.
Системот, познат како SMART – проект вреден 875 милиони долари – користи вештачка интелигенција за анализа на податоци за временските услови, траекториите на летовите, воздушниот сообраќај и достапноста на контролорите на летање. Неговата цел е да предвидува гужви, да предлага оптимални рути и да ги намалува доцнењата.
Системот првично беше воведен во областа на Вашингтон на 21 септември, а на 10 ноември FAA потврди дека тој е проширен на сите 22 центри за контрола на летање низ Соединетите Држави.
Се проценува дека вештачката интелигенција овозможува заштеда од просечно десет минути и 300 литри гориво по лет.
Според FAA, системот помогнал во пренасочување на 180 летови за време на почетната фаза, што резултирало со просечна заштеда од десет минути и речиси 300 литри гориво по лет.
Воведувањето на системот предизвика и одредена загриженост. Синдикатот на контролори на летање во САД истакна дека не бил вклучен во развојот или тестирањето на системот, додека демократските членови на Конгресот побараа ревизија на безбедноста и процесот на имплементација на оваа нова технологија. Од FAA нагласуваат дека SMART не управува со леталата, ниту пак носи самостојни одлуки. Системот дава препораки кои ги проверуваат експерти, а конечните одлуки остануваат во рацете на контролорите на летање.
Засега нема потврдени информации дека новиот систем SMART е поврзан со денешниот прекин во комуникациите и суспензијата на воздушниот сообраќај во САД.