Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска беше реизбран за лидер на партијата.
Во својот говор тој се заблагодари на сите кои му дале поддршка и посочи дека од овој конгрес партијата излегува уште посилна.
„По денешниот ден испраќаме порака на обединување и заедништво и ова е конгрес по кој ВМРО-ДПМНЕ излегува посилно, со уште поголем елан и енергија за времињата што следат. Ако има некој кој сè уште се сомнева дека ВМРО-ДПМНЕ може да успее и сè уште е несигурен дека ВМРО-ДПМНЕ може да донесе сигурност во ова општество, кој сè уште се прашува дали сонот на нашите основачи е жив во нашето време, кој сè уште ја преиспитува моќта на нашата демократија и нашите верувања, денешниов ден е одговор на тие сомнежи и на тие прашања. Но и тоа е одговорот кој се гледаше во редиците на последните избори, по училиштата и јавните објекти на гласање, тоа е одговорот во енергијата која е разбудена и покажува дека можеме, тоа е вербата која тлее во секој од нас, дека Македонија може, дека Македонија знае како… чистината на душите на нашите идни генерации и јасноста во очите на нашата и постарите генерации, се доказ дека Македонија ќе се избори и дека надежта постои“, порача Мицкоски.