Во првите два дена од функционирањето на системот за сообраќаен надзор „Безбеден град“, на подрачјето на Охрид, Струга, Кичево и Дебар се регистрирани вкупно 296 сообраќајни прекршоци, информираат од СВР Охрид.
Бројките покажуваат еднаков тренд во двата дена – на 12 октомври биле евидентирани 148 прекршоци, а уште исто толку (148) биле забележани и следниот ден до 19 часот.
Најчестите прекршоци се однесуваат на:
- Пречекорување на дозволената брзина (во и надвор од населени места)
- Минување на црвено светло
- Управување со нерегистрирани возила
Портпаролот Стефан Димовски изјави дека сите прекршоци се соодветно документирани, а сопствениците на возилата за сторените прекршоци веќе добиваат известувања преку СМС-пораки и електронска пошта.
Од СВР Охрид упатија апел до сите учесници во сообраќајот за доследно почитување на сообраќајните правила, прописи и сигнализација. Оттаму подвлекуваат дека основната цел на системот „Безбеден град“ е подигнување на сообраќајната култура, зголемување на дисциплината кај возачите и унапредување на општата безбедност на патиштата.