Македонија

Ковачевски пристигна во Софија – пречекан со највисоки државни почести

Ковачевски пристигна во Софија – пречекан со највисоки државни почести

Премиерот Димитар Ковачевски, кој ја предводи владината делегација во официјалната посета на Бугарија, попладнево со највисоки државни почести беше пречекан на плоштадот „Александар Невски“ во Софија.

Ковачевски и владината делегација официјално беа пречекани од бугарскиот премиер Кирил Петков. Двајцата премиери положија венци пред Споменикот на непознатиот војник.

За утре наутро е закажана заедничката седница на владите на двете земји, која ќе се одржи во резиденцијата „Бојана“. На седницата воведно обраќање ќе имаат двајцата премиери, Ковачевски и Петков, по што ќе почнат разговорите, откако Скопје и Софија, претходни ги формираа работните групи со кои треба да се интензивира соработката во периодот што претстои.

За утре е предвидено и потпишување на неколку билатерални документи, меѓу кои и Меморандум за разбирање за развој на железничко поврзување меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија „Скопје-Софија“, а по завршувањата на меѓувладината седница, Ковачевски и Петков ќе одржат прес-конференција.

Во состав на делегацијата на Владата на Северна Македонија се првиот заменик-претседател и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, вицепремиерот задолжен за економски прашања и координација на економските ресорси, Фатмир Битиќи, вицепремиерката задолжена за  политики за добро владеење, Славица Грковска, шефот на дипломатијата Бујар Османи, министерот за финансии, Фатмир Бесими и министерот за економија, Крешник Бектеши.

Во делегацијата се и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни