Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес оствари телефонски разговор со Дерек Чолет, советник на Стејт департментот на САД.
Соговорниците разменија мислења за актуелната безбедносна состојба во Европа и актуелните случувања во и околу Украина. Беше изразена заемна поддршка за суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите на Украина, повлекувајќи ја важноста од заштита на човековите права. Воедно, ја истакнаа значајноста од заеднички пристап кон актуелните безбедносни предизвици и упатија повик за деескалација на состојбите во интерес на европската сигурност. Во тој контекст, ги поздравија напорите на меѓународните партнери и заложбите во рамки на НАТО и ОБСЕ за смирување на состојбите и зачувување на мирот.
Во рамки на телефонскиот разговор, стана збор и за билатералните односи, кои соговорниците ги оценија како исклучително блиски и пријателски, засновани на стратешко партнерство и се согласија во претстојниот период да работат на натамошно унапредување на сојузништвото и соработка.
Министерот Османи изрази благодарност за континуираната поддршка од САД за реализација на нашите стратешки цели и ја истакна значајната улога на нашите американски пријатели за просперитетот и демократските постигнувања на Северна Македонија. Притоа беше изразена заемна согласност дека европската перспектива и зајакнатото присуство на САД на нашите простори за особено значајни за стабилноста и напредокот на Западен Балкан.