Македонија

Синдикатот и ВМРО-ДПМНЕ бараат преиспитување на владината одлука за старт на второто полугодие

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и СОНК бараат второто полугодие од учебната 2021/2022 година да започне онлајн.

„Предлагаме: 2 недели онлајн настава на учениците од 4-9 тто одделение со активно следење на епидемиолошката ситуација и настава со физичко присуство на учениците од 1-3 тто одделение со следење на епидемиолошката состојба во Македонија и училиштата. За најмладите ученици предлагаме физичко присуство, за да се избегнат дополнителни мерки, кои се неопходни за чување на децата (ослободување на родител од работни обврски), а кои влијаат на економијата на државата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) бара преиспитување на одлуката наставата во второто полугодие да почне со физичко присуство. Претседателот на СОНК, Јаким Неделков вели дека во период кога во земјава расте процентот на новозаболени од КОВИД-19, доколку наставата почне со физичко присуство, постои реална можност вирусот многу побрзо да се шири.

Тој во изјава за новинската агенција МИА, предлага наставата да почне онлајн, а потоа доколку епидемиолошката состојба се подобрува, тогаш да се направи проценка дали постојат услови за физичко присуство на наставата.

„Бараме преиспитување на одлуката од причина што сметаме дека процентот на новозаболени секојдневно е во нагорна линија и доколку учениците одат со физичко присуство постои реална можност училиштата да се претворат во кластери и вирусот побрзо да се шири. Од таа причина сметаме дека одреден временски период од пример две недели наставата да биде онлајн, па да се согледаат состојбите од ширење на вирусот и доколку е во надолна линија, да се направи проценка и да се види дали постојат услови за физичко присуство,“ вели Неделков.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни