Министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи на брифинг со новинари рече дека следната недела ќе присуствуваат во Софија за да се разговара за политичкиот пакет на прашања.
„Следната недела двете министерства ќе ги продолжат разговорите на експертско ниво по однос на политичкиот пакет на прашања во кој што сме влезени во процес на надминување“, изјави Османи.
Тој додаде дека вчерашното заедничко чествување на Гоце Делчев е одлука на двете Влади, додавајќи дека комисијата за историски прашања има договор за пет личности за заедничко чествување меѓу кои и Св. Кирил и Методиј и Климент Охридски.
„Сметам дека ваквите политички гестови можат само да помогнат во амбиентот, бидејќи сепак разликите не секогаш треба да се гледаат како негативни за односите меѓу двете држави бидејќи на крај од крајот историјата е таква каде мултиперспективнае дозволена, па некогаш е и преферирана во интерпретациите на различните историски настани“, додаде Османи.
Османи најави и роковник во кој влегуваат позициите на двете земји.
„Сите прашања, тие кои ни се важни нас и важни за Република Бугарија да бидат меѓусебно поврзани во еден роковник, во рамки на еден договорен пакет, бидејќи сметам дека само на тој начин ќе имаме гаранции дека тука го затвораме ова прашање и нема да разговараме за други прашања понатаму“, рече Османи.
Без да соопшти рокови, Османи уште еднаш потврди дека Бугарите ќе бидат запишани во Уставот.
„Тоа е барање и од државјаните на Северна Македонија кои имаат бугарска етничка припадност, така што секој државјанин на РСМ има право да поставува свои барања пред државата и државата да реагира на тоа“, изјави Бујар Османи.
Преговорите меѓу двете земји продолжуваат преку комисиите, кои пат четири пати разговараат за иднина, а еднаш за историја.