Хрватските власти ги советуваа своите граѓани да ја напуштат Украина денеска, приклучувајќи им се на голем број земји кои го сторија тоа поради страв од можен руски напад врз земјата.
На Хрватите им се советува и да избегнуваат патување во Украина, особено долж границата со Русија и Белорусија и во близина на линијата на одвојување со областите на Крим и Донбас, соопшти Министерството за надворешни и европски работи.
На оние кои не можат да ја напуштат Украина им се препорачува да бидат внимателни и да се обратат во хрватската амбасада во Киев.
Хрватската амбасадорка во Украина, Аница Ѓамиќ за ХРТ изјави дека моментално во таа земја има нешто помалку од стотина хрватски државјани со кои се во постојана комуникација.
САД, Велика Британија, Холандија, Данска, Летонија, Естонија, Македонија, Бугарија, Австралија и Нов Зеланд претходно ги повикаа своите граѓани да ја напуштат Украина. Во саботата истото го направија Шведска, Шпанија, Италија и Франција, Саудиска Арабија и Јордан.
Како што расте списокот на земји кои ги повлекуваат граѓаните бидејќи Русија може да нападне во секој момент, претседателот на Украина се спротивстави на сеење паника бидејќи, како што рече, тоа само му помага на непријателот.
Со месеци расте загриженоста дека Русија – која собра сили на украинската граница – подготвува инвазија на Украина. Силите поддржани од Русија веќе контролираат делови од источна Украина, а Русија го анектира полуостровот Крим во 2014 година.
Русија негира какви било такви планови.