Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: Претседателот на РКЕ се гоштева по скапи ресторани – РКЕ: Политичките партии никако не успеваат да излезат од матрицата на вршење притисок

ВМРО-ДПМНЕ: Претседателот на РКЕ се гоштева по скапи ресторани – РКЕ: Политичките партии никако не успеваат да излезат од матрицата на вршење притисок

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение вели дека народот не знае како да си ги плати сметките за струја, а Бислимоски откако му даде лиценца на синот на Заев се гоштева во скап ресторан во Дубровник.

„СДСМ ја покачи цената на струјата за 30%. Граѓаните што плаќале 3.000 денари, сега плаќаат 4.000 денари. Хидроакумулациите се исцрпеа во ек на лето, а во сред грејна сезона РЕК Битола беше оставена со минимум јаглен на депонија. Сето тоа предизвика и до 50% од домашната потрошувачка на струја да се покрива со увоз на скапа струја, кога цената на истата рушеше рекорди на светските берзи“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Тие обвинуваат дека „заради неспособноста на владата народот едвај се снаоѓа да плати сметки, а профитираат само трговците со струја, бидејќи државата е увозно зависна повеќе од кога било до сега“.

„И додека народот се чуди како да плати сметки, Бислимоски му даде лиценца на синот на Заев за фирмата за трговија со струја, а иста таква фирма отвора и Кочо Анѓушев. Откако ја донесоа државата во незавидна и зависна од увоз енергетска положба сега отвораат фирми за трговија со струја, а претседателот на РКЕ се гоштева по скапи ресторани надвор од земјата“, велат од партијата.

На ова со реакција се јавија и од Регулаторната комисија за енергетика.

Портпаролот на РКЕ, Марина Узунов истакна дека дел од политичките партии никако не успеваат да излезат од матрицата на вршење на притисок на независноста на институциите и преку следење на приватниот живот на вработените.

Таа информира дека претседателот Бислимоски лично ги покрил трошоците и со сопствено возило учестувал на Енергетскиот самит во Неум кој е во организација на УСАИД, УНДП, ЕУ делегација на Босна и Херцеговина и ГИЗ.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни