Македонија

Османи: Провокација е името, а не отворањето на клубот во Битола – ако беше друго име ќе бевме дел и ние

Османи: Провокација е името, а не отворањето на клубот во Битола – ако беше друго име ќе бевме дел и ние

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи изјави пред медиумите дека името на културниот центар во Битола „Ванчо Михајлов“ е провокација и токму поради тоа македонска делегација не била дел од свеченото отварање.

„Ова е демократска држава во која сите граѓани ги уживаат сите права, сите заедници подеднакво ги уживаат сите права и дека навистина нема да дозволиме алиби на наративот дека овде се газат човекови права на било која етничка заедница вклучувајќи ја и Бугарската заедница. Не бевме дел од таа посета, не поради тоа што се отвора бугарски клуб, сакам тука уште еднаш јасно да кажам, ние поддржуваме и апсолутно немаме ништо против, секоја етничка заедница во државата да отвора свои клубови, свои центри, во кои ќе ги манифестира своите идентитетски и културни атрибути кои ги има. Тука беше спорно името на тој клуб, кој овде се смета како провокација и контроверзија. И затоа не бевме дел од тој настан, инаку доколку беше клубот именувам како што е именуван, ние ќе бевме дел, заеднички со бугарската делегација на отворање на бугарски клуб бидејќи сметаме дека тоа е важно да се прикаже дека сите заедници во оваа држава ги имаат истите права и ги уживаат истите права на организирање и манифестирање на било какви атрибути“, изјави Бујар Османи – министер за надворешни работи.

Османи додава дека премиерот Кирил Петков се вклучил подоцна во делегацијата „со цел да не се дозволи овој процес да ги киднапира односите кои ги развивме последните месеци и даваат надеж дека може да дојде до решение“

„Не е моја должност да се грижам за имиџот на Р. Бугарија кои ликови ги чествува или почитува. Имаат тие министер за надворешни работи кој ќе треба пред Еврејската заедница која реагираше овде и пред светската заедница да објаснат зошто им се важни некои личности, а не кои не. Тоа не е моја улога“, додава Османи.

Во ниту еден случај не било размислувано да се забрани влез на бугарска делегација во Северна Македонија, додава Османи.

„Не бевме присутни и нема да бидеме присутни се додека тоа име стои на клубот. Но на друг клуб, со друго име ќе бидеме таму ќе охрабриме и сметаме дека бугарската заедница овде може и е мост на зближување меѓу двете држави, но не на ваков начин“, заклучи Османи.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни