На редовната средба со новинарите што се одржа денес во Собранието на Република Северна Македонија, претседателот Талат Џафери, информираше за неговото патување во Украина, по покана на претседателот на Врховната Рада на Украина г. Руслан Стефачук.
Претседателот на Собранието се осврна на средбите со државниците на Украина, од претседател на Украина, преку премиер, претседател на Собрание до лидери на локални комитети и градоначалници. Тој информираше и дека за своето патување претходно доставил официјален допис и до Претседателот на Република Северна Македонија и претседателот на Владата на РСМ.
Џафери рече дека патувањето до Украина било организирано според посебни безбедносни протоколи и се одвивало преку комерцијален лет до Варшава, потоа со моторни возила до границата со Украина, а оттаму до Киев со специјална железничка рута организирана од Полска и Украина во времетраење од 14 часа.
Претседателот на Собранието меѓу другото нагласи и дека одлука на државата е да се поддржи Украина, а неговата лична одлука како претседател на Собранието да ја посети Украина значи непосредна, лична и институционална поддршка за напорите на институците и на државата Украина, со цел враќање мирот и контролата врз целата територија на Украина Поддршката од Република Северна Македонија ќе зависи од барањата на украинските институции, а обновата на Украина и враќањето на животот во нормала несомнено ќе бидат олеснети преку меѓудржавна, односно меѓу институционална соработка на сите нивоа и истата може да е финансиска, материјална или санитарна поддршка.
Претседателот нагласи и дека како држава целосно се приклучивме на мерките и санкциите што ги наметна Европската Унија врз Русија, иако не сме членка на ЕУ, зашто тоа е наша обврска согласно европската перспектива на државата, поддржана од огромно мнозинство граѓани.
Претседателот на Врховната Рада на Украина доставил писмо со барање до сите парламенти да се донесе Декларација (Декларација на Врховната Рада на Украина за геноцидот извршен од Руската Федерација во Украина). Претседателот Џафери информираше дека декларацијата ќе ја разгледа со пратениците, со цел да се донесе што поскоро.
Во врска со процесот „Жан Моне“, претседателот Џафери рече дека во скоро време ќе има средба со координаторите на пратенички групи, каде што ќе се работи на верзијата од првата средба „Жан Моне“ околу прашањата што треба да се допрецизираат.