Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска информираат дека започнуваат со активна блокада на Собранието.
Според нив, потребен е дијалог за предвремени парламентарни избори.
„Ковачевски имаше доволно време да излезе од сенката на Заев и да го стави интересот на народот во прв план, но не се осмели. Државата се повеќе тоне. Вчера ДЗС излезе со официјален податок и констатираше двоцифрена инфлација. За една година цените на основните производи се зголемени од 10% до 50%. Народот плаќа 30% поскапа струја и 15% поскапо парно. И секој ден има се повеќе проблеми, Ковачевски не е нов во политиката, тој беше и заменик министер за финансии. Тој е дел од проблемите, и не може да биде решение за истите“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата се додава дека премиерот Ковачевски треба да сфати дека Заев нема да му ги реши проблемите.
„Тој е премиер и за сите неуспеси е директно одговорен самиот тој. Но неговите неуспеси ги плаќа и народот кој е се посиромашен. Затоа нема повеќе простор за нови обиди, државата е донесена до ситуација на повеќе кризи. Избори час поскоро“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ пак утринава порачуваат дека пратениците кои бојкотираат треба да се откажат од платите и привилегиите.
„Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои бојкотираат и блокираат Собрание не смеат да бидат платени од граѓаните за својата неработа и деструктивно однесување. Тие итно треба да се откажат од сите привилегии, да ги донираат платите и да престанат да користат службени телефони, патувања и се што им следува, бидејќи тоа не го заслужуваат“, велат од СДСМ.
Од партијата се додава дека неодговорноста и партиската послушност кон лидерот Мицкоски ќе биде единствената работа по која ќе се памети овој пратенички состав на ВМРО-ДПМНЕ, но тоа не смее и не треба да го плаќаат граѓаните од свој џеб.
„Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ наместо да служат на оние од кои се бирани и платени, му служат само на лидерот од белата палата.
ВМРО-ДПМНЕ останува единствената партија која во време на криза се обидува да отежне, дополнитлено да го загорчи животот на сите граѓани и да блокира се што е во интерес на надминување полесно на состојбите. Ваквата антидржавна политика, себичност и негрижа ќе бидат повторно силно поразени уште на следните избори. СДСМ остро ќе се спротистави на овие блокади и ќе најде начин како да ги донесе законите од интерес на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ ќе остане изолирана во своите деструктивни политики“, додаваат од СДСМ.