СДСМ: Работиме за граѓаните, не успеа блокадата на Мицкоски – ВМРО-ДПМНЕ: Функционерите на власта единствено работат за своите џебови, активната блокада продолжува
Од владејчката СДСМ денеска преку соопштение велат дека пропаднале обидите за блокада на Собранието од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ по налог на лидерот Христијан Мицкоски.
Од таму додаваат дека усвоен е дневниот ред и Собранието продолжува со работа и покрај тоа што два дена се потрошија на нивните бесмислени предлози.
„Во време на најголема светска економска и енергетска криза, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ заради лични интереси на Мицкоски го блокираат Собранието наместо да работат за граѓаните кои им дале доверба. СДСМ, заедно со парламентарното мнозинство работи за граѓаните, ќе ги надминеме сите блокади и опструкции од ВМРО-ДПМНЕ и сите законски решенија од интерес на граѓаните ќе бидат донесени. СДСМ и парламентарното мнозинство нема да дозволат блокадите на ВМРО-ДПМНЕ да нанесат штета врз граѓаните и државата“, велат од СДСМ.
Од партијата посочуваат дека време на светска економска криза, Собранието мора да биде функционално, брзо и ефикасно да носи решенија кои значат помош за граѓаните и домашната економија.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ се јавија со реакција во која се вели дека СДСМ за овие години од кога е на власт докажала дека работи единствено за своите џебови.
Од партијата велат дека додека граѓаните тонат во сиромаштија, функционерите од СДСМ и ДУИ го оштетуваат буџетот на државата и се богатат.
„Активната блокада продолжува, а ВМРО-ДПМНЕ ќе се спротивстави на се што не е во полза на граѓаните и на се што не е нужно за државата, а значи оптеретување на буџетот или полза на СДСМ и ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ нуди пакет кој е во интерес на граѓаните. Затоа ВМРО-ДПМНЕ предлага експерти кои можат да помогнат во клучните области, но и да се определи датум за предвремени избори, кои патем може да се одржат со изменет закон со една изборна единица како едно од барањата во коалицискиот договор помеѓу СДСМ и нивните помали партнери“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму се посочува и премиерот Димитар Ковачевски да се охрабри и да се спроведе дијалог за предвремени парламентарни избори, бидејќи, како што велат, избори се потребни час поскоро.
Имате вест, приказна или проблем?
Пишете ни