Ковачевски: Парламентот е место каде што треба да се негува демократијата, а не да се користи за блокирање
Премиерот Димитар Ковачевски денеска оцени дека само ВМРО-ДПМНЕ го блокира Собранието, а не целата опозиција, како и дека тоа го прави од политички причини, „заради обезбедување некакви внатрепартиски позиции”.
Ковачевски порача пратениците да бидат на ниво на одговорноста што ја имаат пред граѓаните зашто во Собранието, посебно сега, рече, треба да се донесат многу важни закони.
Парламентот, нагласи Ковачевски, е место каде што треба да се негува демократијата и да се разговара, а не да се користи за блокирање и за бојкотирање, бидејќи тоа не носи никому ништо добро.
-Пристапот на ВМРО-ДПМНЕ, досега велев опозицијата, меѓутоа очигледно е дека не е опозицијата, туку дека се работи само за ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи ги гледаме другите политички партии кои имаат поодговорен пристап од опозицијата, дека ова го прават чисто од политички лични причини, за обезбедување некакви си позиции во самата партија. Уште еднаш ги повикувам сите пратеници во Собранието да бидат на ниво на одговорноста што ја имаат не пред партија, туку пред граѓаните, со оглед дека Собранието треба да работи за да се носат закони што значат унапредување и на стандардот, на задржување на стандардот на граѓаните, меѓутоа и на овозможување подобри услови на компаниите во ова кризно време, напомена Ковачевски одговорајќи на новинарско прашање во врска со најавите на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе ги интензивира блокадите и дека може да излезе на улица.
Имате вест, приказна или проблем?
Пишете ни