Македонија

Од денеска отворени шалтерите на „Алта банка“ во Битола за клиентите без картички

Од денеска отворени шалтерите на „Алта банка“ во Битола за клиентите без картички

Од денеска, 5 ноември, се отворени шалтерите во главната филијала на „Алта банка“ АД Битола за исплата на готовина на клиентите кои имаат платежни сметки, но немаат платежни картички. Според најавениот распоред, граѓаните ќе можат да подигнат до 20.000 денари, што е максималниот дозволен износ за период од две недели.

Исплатата се организира во филијалата на улицата „Добривое Радосављевиќ“ бр. 21 во Битола, каде за оваа намена се предвидени повеќе шалтери. Мерката особено ги опфаќа пензионерите и примателите на социјална помош кои немаат картички за пристап до своите средства.

Клиентите треба да добијат СМС-порака со точниот ден и час кога треба да дојдат во филијалата. Од банката апелираат да се почитуваат термините за да се избегнат гужви и подолго чекање.

За граѓаните кои нема да можат да дојдат во закажаниот термин ќе бидат обезбедени дополнителни термини. Шалтерите се наменети исклучиво за исплата на готовина, без можност за извршување други банкарски трансакции.

Од утре, 6 ноември, вклучително и во сабота, 7 ноември, филијалата ќе работи во две смени. Во тек се подготовки за овозможување исплата и во други градови, за што клиентите дополнително ќе бидат известени.

Паралелно со организирањето на исплатата, се приближува истекот на краткиот рок оставен на српската страна да се изјасни дали „Алта банка“ АД Белград ќе ги понуди на продажба акциите што ги поседува во битолската банка.

Гувернерот Трајко Славески претходно соопшти дека до надлежниот регулатор во Србија е испратено известување со барање за изјаснување во рок од три дена. Доколку белградскиот сопственик не ги понуди акциите, продажбата ќе ја преземе Народната банка преку Македонската берза, согласно законските процедури.

Славески најави понуда на акциите на Берзата по истекот на десет дена и посочи дека веќе постои интерес од потенцијални инвеститори од земјата и од странство. Целта е да се обезбеди нов сопственик кој ќе ги исполни регулаторните услови и ќе придонесе за стабилно работење на банката.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни