Кривичниот суд Скопје, првообвинетиот во случајот „ТНТ“ Никола Груевски кој е во бегство го прогласи за виновен и го осуди на девет години затвор, додека поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, е осуден на три години. Екс-градоначалникот на општина Гази Баба, Tони Трајковски исто така прогласен за виновен и осуден на четири години.
Иста казна затвор од четири години и беше изречена и на обвинетата Елизабета Најдовска.
Случајот се однесува на уривањето на станбениот објект на бизнисменот Фијат Цаноски. Според обвинението, за да му се одмаздат на Цаноски, Никола Груевски и Миле Јанакиевски, го поттикнале тогашниот градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски, да го сруши објектот.
Причината била што Цаноски, тогашен лидер на партијата ПЕИ, ја напуштил коалцијата со ВМРО-ДПМНЕ и се префрил во СДСМ.
Првото рочиште за овој случај беше одржано на 24 јануари 2018 година.
Судењето за овој предмет го води судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Бурим Рустеми.
„Секако дека ќе ја обжалиме оваа пресуда затоа што сметам дека со оваа пресуда се испраќа една многу лоша порака, а тоа е дека бесправното градење наместо да се стопира и истото да се санкционира, се санкционираат луѓето кои што постапуваат во однос на бесправно изградени објекти“, посочи Еленко Миланов.