Балкан

Вучиќ го покани Абазовиќ на „Отворен Балкан“ во Охрид

Вучиќ го покани Абазовиќ на „Отворен Балкан“ во Охрид

Црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ и српскиот претседател Александар Вучиќ денеска на маргините на Светскиот економски форум во Давос разговараа за подобрување на односите во енергетиката и инфраструктурата што ги поврзува двете земји, но и Западен Балкан, како и за туризмот.

Како што соопштија од Владата на Црна Гора, Абазовиќ со Вучиќ разговарал и за регионалните иницијативи и Отворениот Балкан.

Вучиќ наводно го поканил Абазовиќ да присуствува на претстојниот самит „Отворен Балкан“ во Охрид.

Констатирано е, се наведува, дека Црна Гора вложува максимални напори за промовирање на политиката на регионална соработка, помирување, соживот и подобри економски врски на Западен Балкан.

Абазовиќ посочи дека Црна Гора е посветена на развојот на добрососедските односи со Србија, кои дополнително се зајакнуваат со заеднички европски цели и регионален контекст, „и врз основа на економска, географска и политичка ориентација една кон друга“, се вели во соопштението.

Тој порача и дека е неопходно да се подобри економската соработка, „пред се преку реализација на заеднички проектни активности во областа на енергетиката и инфраструктурата“.

Односите со Србија се приоритет за Владата на Црна Гора, поради што сме подготвени за интензивна соработка во сите области од заеднички интерес“, рече Абазовиќ.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни