Македонија

Средби на Пендаровски со Мицотакис, Емие и Лагард во Давос

Средби на Пендаровски со Мицотакис, Емие и Лагард во Давос
Претседателот Стево Пендаровски денеска во Давос оствари кратки средби со премиерот на Република Грција, Киријакос Мицотакис, со Бернар Емие, директор на француската генерална дирекција за надворешна безбедност (ДГСЕ) и со претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард. Претседателот Пендаровски и грчкиот премиер Мицотакис изразија подготвеност за натамошно унапредување на билатералните односи. Соговорниците разменија мислења и за перспективите на Северна Македонија во однос на евроинтеграциските процеси и актуелните предизвици со кои се соочува регионот од безбедносен и економски аспект.
На средбата со Бернар Емие беа разменети мислења за руската воена агресија во Украина, актуелните состојби во регионот на Југоисточна Европа, како и за перспективите за членство на земјите од регионот во Европската Унија. Со оглед на актуелните безбедносни предизвици и потенцијални ризици, претседателот Пендаровски ја нотираше важноста од интензивирање на соработката меѓу безбедносните агенции на земјите-членки на НАТО.
Во разговорот со Кристин Лагард, беа разменети мислења за глобалните економски текови и мерките кои се преземаат со цел ублажување на финансиските последици од војната во Украина. Во таа насока беше разговарано за ефектите на монетарната политика на ЕЦБ врз македонската економија и економиите во нашиот регион.
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни