Свет

Повеќе авиони во Европа пренасочени поради дојави за поставени бомби

Повеќе авиони во Европа пренасочени поради дојави за поставени бомби

Низа дојави за поставени бомби предизвикаа вонредни слетувања и пренасочување на неколку авиони низ Европа во четвртокот. Меѓу погодените летови биле авиони на „Финер“, „Рајанер“ и „Аер Лингус“, а надлежните служби извршиле безбедносни проверки по нивното слетување.

Авиокомпанијата „Финер“ соопштила дека летот 1761 од Хелсинки кон Рим бил цел на бомбашка закана. Авионот нормално слетал во италијанската престолнина, а по извршената проверка не бил пронајден ништо сомнително, објави финската телевизија Yle.

Три авиони на „Рајанер“, кои летале кон Софија, исто така биле пренасочени поради дојави за бомби. Два од нив, кои пристигнувале од Копенхаген и Мадрид, безбедно слетале на аеродромот „Васил Левски“ во Софија.

Третиот авион, кој летал од лондонскиот аеродром „Стенстед“ кон Софија, бил пренасочен кон Пловдив, каде што безбедно слетал. Информацијата ја потврдил директорот на аеродромот во Пловдив, Красимир Пешев.

Дополнително, авион на авиокомпанијата „Аер Лингус“, кој летал од Даблин кон Рим, бил пренасочен кон воена воздухопловна база во западна Франција поради бомбашка закана.

Авионот безбедно слетал во базата во Евро, во Нормандија. Од кабинетот на францускиот премиер Себастијан Лекорни соопштиле дека сите 151 патник и шест членови на екипажот се безбедни, а воени тимови за деактивирање експлозивни направи ја проверуваат леталката.

Според податоците од сервисите за следење летови, авионот од Даблин се приближувал кон Париз кога нагло ја сменил маршрутата, направил неколку кругови во воздухот и потоа се упатил кон воената база во Евро.

Ова е најнов случај во серијата лажни бомбашки закани што неделава предизвикаа проверки и пренасочувања на авиони низ Европа. Меѓу погодените авиокомпании претходно биле и полската ЛОТ, „Скандинавиан ерлајнс“, „Виз ер“ и „Рајанер“.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни