Дали албанскиот јазик станува причина за раздор меѓу коалиционите партнери ДУИ и СДСМ? Премиерот Заев вели дека Законот за јазиците е и на Заев, на Беса и на сите кои глсаа. Додаде и дека постои криза во владината коалиција, бидејќи според него, ДУИ се обидува да ги присвои сите заслуги за носењето на Законот за употреба на јазиците. На ова одговори Бујар Османи кој рече дека Законот за јазиците го подготви ДУИ, а дека заслуга имаат сите кои гласале.
„Нема никаква провокација од никого, ние имавме координативна средба во саботата. Сега треба да бидеме искрени, законот го подготвивме ние во ДУИ, и тоа госпоѓата Дескоска јавно го потврди, а потоа го предадовме во Собрание, но заслугите ги имаат и СДСМ и ДУИ и другите партии кои гласаа, секој пратеник кој два пати гласал за законот има заслуги. Сега најголеми заслуги ќе имаат тие кои ќе ни помогнат во имплементацијата на законот. Не гледам тука дека некоја партија се обидува да ги присвои заслугите повеќе или помалку“, изјави Бујар Османи.
Османи негираше дека има договор во Влада за испраќање на Законот за јазиците во Венецијанската комисија. Тој рече дека оваа комисија не треба да оценува колку се употребува албанскиот јазик, бидејќи според него тоа е утврдено со Охридскиот договор.
И вицепремиерката Шеќеринска рече дека нема ништо спорно, бидејќи за такво нешто се договориле со коалиционите партнери уште од моментот кога е предложен овој закон. За разлика од Заев, таа не гледа криза во коалицијата ДУИ-СДСМ.
На заслугите за носењето на овој закон се повикуваат и другите албански опозициски партии. Инаку, законот за јазиците откако по втор беше изгласан на пленарна седница, не беше потпишан од страна на претседателот на државата. Поради тоа беше објавен во Службен Весник само со потпис од претседателот на Собранието.
РЕПОРТЕР: АРМЕНД ГАШИ