Околу 50 проценти од учениците во прилепското средно училиште „Ѓорче Петров“ се соочуваат со стрес и анксиозност, покажуваат резултатите од најновото истражување спроведено во училиштето. Притисокот за постигнување успех, очекувањата од родителите и професорите, но и стравот од осудување од околината се меѓу главните причини за психолошките тешкотии кај младите.
Стресот и анксиозноста стануваат сè поголем предизвик за средношколците, кои секојдневно се обидуваат да одговорат на бројните обврски и очекувања. Средношколките Кети Николовска и Јована Пејовска од Прилеп признаваат дека притисокот е постојано присутен, особено кога се обидуваат да постигнат подобри резултати во училиштето.
„Најчесто чувствувам стрес од училиштето или кога сакаме да покажеме нешто најдобро, но не успеваме во тоа, па чувствуваме некој притисок од околината“, вели една од ученичките.
Покрај училишните обврски, младите се соочуваат и со стравот од туѓото мислење. Иако настојуваат да бидат свои и да ги следат сопствените желби, прашањето „што ќе речат другите“ често влијае врз нивната самодоверба.
Резултатите од истражувањето во средното училиште „Ѓорче Петров“ покажуваат дека околу половина од учениците се справуваат со стрес и анксиозност.
Училишниот психолог Маја Димоска Јандруска објаснува дека причините се комплексни и произлегуваат од повеќе средини во кои младите секојдневно функционираат.
„Стресот и анксиозноста се високи од различни причини, најчесто од притисокот од социјалната средина, очекувањата од родителите, притисокот од учениците, професорите, стигмата со којашто се соочуваме како општество за барање помош“, посочува Димоска Јандруска.
Според неа, еден од најважните чекори за справување со ваквите состојби е младите да не ги потиснуваат своите чувства, туку отворено да разговараат за проблемите.
„Да се разговара, да се споделат работите, да најдеме човек од доверба и некој на кого можеме да се потпреме“, порачува психологот.
Дел од учениците велат дека поддршка наоѓаат кај родителите, професорите и училишните психолози, иако признаваат дека во општеството сè уште постојат предрасуди поврзани со менталното здравје.
„Во нашето општество денес сè уште постојат некои поконзервативни сфаќања. Но, јас често разговарам со моите дома. Исто така, имам разговори со професорите, со психолозите во нашето училиште. Постојано имам поддршка од дома“, вели една од средношколките.
Пораката на учениците и стручните лица е дека на младите им се потребни повеќе разбирање, внимание и отворена комуникација. Тие нагласуваат дека семејството и училиштето имаат клучна улога во создавањето средина во која средношколците ќе можат слободно да зборуваат за своите проблеми и навреме да побараат помош.
Истражувањето во прилепското училиште отвора и пошироко прашање за менталното здравје на младите и потребата од поголема психолошка поддршка во образовниот систем.