Канадските пратеници сега ќе бидат опремени со копчиња за аларм за да сигнализираат директно до органите на прогонот. Владата ова го соопшти вчера по новиот бран на малтретирање, обиди за заплашување и закани кон политичарите од земјата, пренесе АФП.
Воведувајќи ја новата мерка, министерот за јавна безбедност Марко Мендичино објасни дека му се заканувале со смрт на интернет во последните неколку недели, откако беа објавени новите прописи за оружје во земјата. „Ситуацијата е многу загрижувачка“, рече тој, додавајќи дека „негативната и токсична реторика на интернет може да доведе до насилство“.
„Навистина е важно да се има можност за живи дебати, но тие мора да се одвиваат на цивилизиран начин и без никакви закани, заплашувања и бесрамно криминално однесување, со кои се почесто се соочуваме онлајн“, продолжи министерот. Пратениците ќе можат постојано да ги носат овие уреди, како и да добиваат обука како да се справат со ситуации кои водат до ризик од насилство.
Канадскиот премиер Џастин Трудо, кој беше погоден со чакал во лицето на митинг за време на последната изборна кампања, вчера изјави дека е свесен: „има значителен гнев и фрустрација против владата и нејзините членови околу нас“. „Треба да ја обезбедиме безбедноста на секој јавен службеник на одредено ниво“, додаде тој.