Фрижидерот на Фадил веќе два месеци не е во употреба. Причина за тоа е што во населбата Сингелиќ, каде што тој живее, нема струја.
„Фрижидерот беше со зимница, но сето тоа го фрливме. Дали некој треба да помисли дали ние живееме овде или не“.
Во ваква состојба се и 66 други семејства од Сингелиќ.
Жителите доставиле петиција до ЕВН Македонија, преку која бараат да се преземат мерки со цел решавање на проблемот со електрична енергија.
„Ова е сметката за 12 месец. Јас сум платил и редовно ги плаќам сите сметки, но залудно плаќаме, немаме струја. Тие велат дека крадеме струја, ние немаме ниту што да крадаме. Доставивме барање, но не не земаат во предвид.“, вели Музафер Реџепи – жител на Сингелиќ.
„Ние немаме што да крадеме. Нема ниту 30 киловати. Ниту телефонот не се полни. Ни се расипаа бојлерот, електричниот шпорет. Не и должиме на државата, а ниту државата нам. Нека го средат проблемот со струјата, ние самите плаќаме, веќе три месеци немаме струја“, додава Фаредин Јашари – жител на Сингелиќ.
„Пред две недели беше и директорот и градоначалникот, но немаше ништо од таа посета. Ни ветија дека утре ќе имаме струја, но не може да им се верува“, додава Рамадани.
ТВ21 побара став и од ЕВН. Од таму велат дека во Сингелиќ постојано има дефекти поради илегалното приклучување во мрежата. Воедно додаваат дека кога екипите на ЕВН се на терен, дел од жителите ги спречуваат да интервенираат.
„Екипите на Електродистрибуција постојано се на терен со цел брзо интервенирање по појавување дефект, и нивна секојдневна работа стана и замената на 3-5 осигурувачи на ден, во ова село. Од друга страна, одредени проблематични жители ги спречуваат екипите на ЕВН при работата и при санација на дефектите, без да ја разберат важноста на нивните дела, дека тоа може да доведе до поголеми и посериозни дефекти и во текот на овој период кога температурите се ниски и оставаат без електрична енергија голем број на семејства.“, велат од ЕВН Македонија.
ЕВН имаше средба со градоначалникот на општина Гази Баба, и се очекува градоначалникот да се договори со граѓаните за да им дозволат на екипите на ЕВН да интервенираат во местата каде што има дефекти.
РЕПОРТЕР: ЗИМЕР ЈАШАРИ