Свет

Романски борбени авиони соборија два дрона

Романски борбени авиони соборија два дрона

Романски борбени авиони Ф-16 денес соборија два дрона кои навлегле во воздушниот простор на Романија, земја-членка на НАТО. Двата дрона се соборени над романските територијални води во Црното Море, објави германскиот весник „Билд“, повикувајќи се на романското Министерство за одбрана.

Според овие информации, романските радари детектирале група воздушни цели на околу 120 километри источно од Змискиот остров во Црното Море. Целите се движеле кон југозапад.

Два борбени авиони Ф-16 полетале во 17:43 часот од воздушната база „Борчеа“ за да ги пресретнат летала. Првиот дрон бил соборен во 18:01 часот, а вториот четири минути подоцна, во 18:05 часот.

Романското Министерство за одбрана потврди дека двете цели биле дронови и дека тие се уништени над романските територијални води. Засега не е објавено од каде потекнуваат.

Новиот инцидент се случи по неколкудневни зголемени тензии во Црното Море, каде што беа забележани напади со дронови врз трговски бродови.

Во четвртокот, агенцијата „Ројтерс“ објави дека најмалку седум морнари се водат како исчезнати по напад со дронови врз два танкера во близина на романскиот брег. Романскиот претседател Никушор Дан ги потврди нападите, но не ја обвини директно Русија. Извор од НАТО изјави дека употребените дронови биле од руско потекло.

Во текот на изминатите денови, Романија неколку пати креваше борбени авиони поради појава на неидентификувани летала во близина на границата со Украина.

Според романското Министерство за одбрана, од почетокот на руската инвазија врз Украина до 15 октомври биле забележани 53 неовластени навлегувања во романскиот воздушен простор, при што биле соборени четири беспилотни летала.

Денешното соборување на уште две летала дополнително ги истакнува безбедносните предизвици на источното крило на НАТО, особено во регионот на Црното Море.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Борче Треновски, универзитетски професор 15.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни