Пораките на Кристијан Даниелсон, директор на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, дека предвремените избори ќе ја дефокусираат земјава од реформите, ќе имаат битна улога во одлуката на СДСМ. Портпаролот Костадин Костадинов рече дека на состанокот на Извршниот одбор кој треба да се одржи деновиве и кога ќе биде донесена конечна одлука, таа порака сериозно ќе се разгледа.
„Во предвид се земаат сите ставови. Имаме, како што веќе неколку пати кажувам, и за одење на предвремени парламентарни избори и аргументи кои ни кажуваат дека можеби предвремени парламентарни избори би можеле да го закочат интегративниот процес на државатаа во Европската унија и НАТО. Секако ставот и аргументите на нашите пријатели и партнери од меѓународната заедница сериозно ќе имаат влијание во донесувањето на одлуките“, изјави Костадин Костадинов – портпарол на СДСМ.
Координаторот на пратеничката група пак на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, потврди дека деновиве има постојани контакти со странски дипломати. Во разговорите со нив околу иницијативата за предвремените избори рече дека им ги соопштил аргументите зошто повикува на предвремените избори.
„Ние на состаноците со дипломатите ги аргументираме нашите факти за кои и тие се согласни дека се така, а тоа е дека немаме поместување во реформските закони кои што се дел од планот 18 и кои што се услов за приближување на Македонија кон Европската унија како и извештајот кој што треба Европската унија да го подготви за Македонија. Меѓутоа не се негираат ниту негативните политики во економијата во реализацијата на капиталните инвестиции образованието социјалата здравството и слично“, изјави Никола Мицевски – координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ пред два дена до Собранието ја поднесе иницијативата за распуштање на парламентот и распишување предвремени избори, на која беа потпишани 33 пратеници. Мицевски вели дека очекува таа да биде ставена на дневен ред и повторно го повика СДСМ да ги прифати изборите.
РЕПОРТЕРКА: СВЕТЛАНА УНКОВСКА