Македонија

Медиумите инструмент на политиката, говорот на омраза расте

Во споредба со изминатите години, говорот на омраза е поприсутен во медиумите. Бројот на жалби за прекршување на етиката во 2918 е поголем за 10% споредено со 2017, покажуваат последните анализи направени од Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите. Според Мирче Адамчевски, претседател на комисијата, во стимулирањето на говорот на омраза влијаеле и последните политички препукувања. Според него, медиумите стануваат инструмент на политиката, особено во предизборниот период.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски вели дека говорот на омраза често се меша со слободата на говорот. Според него, ова се случува свесно од страна на некои политичари. Тој додаде дека говорот на омраза во медиумите треба да се осуди.

Советот за етика со поддршка од мисијата на ОБСЕ, формираше мрежа за менаџирање на говорот на омраза во медиумите. Изминатите 3 месеци одржани се работилници за размена на искуства и анализи на оваа тема. Според резултатите говорот на омраза е најприсутен на интернет порталите.

„Учесниците разменија искуства во врска со говорот на омраза во медиумите, појава која во голема мера, не е адресирана. Последниот извештај на ЕК, од 2018 година, наведува дека правната рамка за говорот на омраза е генерално во согласност со меѓународните стандарди, но нејзината имплементација треба да се подобри и политичката поларизација се рефлектира во интернет медиумите, каде што се забележува поголем дел на говор на омраза и прекршување на новинарскиот етички кодекс“, вели Клеменс Која – Шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Според Кривичниот законик за говорот на омраза и оние кои ќе ја прекршат новинарската етика, се предвидува парична казна и казна затвор од 1 до 5 години. Откако стапија на сила новите законски измени, односно од февруари 2014, Кривичен суд Скопје казнил само две лица за говор на омраза.

РЕПОРТЕР: АЛМЕДИНА ИСМАЈЛИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни