Германија, која стравува од недостиг на гас, зимава ќе го ограничи греењето во јавните згради со термостат кој нема да може да надмине 19 степени, најави министерот за економија Роберт Хабек, цитиран од Франс прес и БТА.
Екологистот Хабек, кој е и министер за клима, ги претстави мерките за заштеда на енергија уште во јули.
„Покрај овие мерки, греењето во јавните згради повеќе не смее да надминува 19 степени, со исклучок на болниците и социјалните институции“, рече тој во интервју за Зидојче цајтунг, кое ќе биде објавено утре. Министерот прецизираше дека за таа цел ќе се донесат соодветни прописи.
Покрај тоа, историските објекти и споменици веќе нема да бидат осветлени ноќе. Некои градови во земјата, меѓу кои и Берлин, веќе ја применуваат оваа мерка.
Според Хабек, потребни се повеќе заштеди во трудовата сфера, а за тоа се разговара со Министерството за труд и социјалните партнери.
Владата на канцеларот Олаф Шолц веќе неколку недели повикува на мобилизација за заштеда на енергијата, која веќе нагло поскапе, а можно е и снабдувањето да се влоши во зима поради војната во Украина.
Есента и зимата се обликуваат да бидат тешки за најголемата европска економија поради енергетската криза „која допрва доаѓа за економијата“, според претходните изјави на Министерството за економија, кое очекува „тешка зима“.
Најавена е кампања наменета за компании и поединци за да се поттикнат одредени практики како што се намалување на клима уредите во зградите, користење на јавен превоз или поставување глава за туширање што испушта помалку вода.
Многу градови веќе ја намалија температурата на водата во базените и градското осветлување. Општината во баварскиот град Аугсбург дури има намера да запре некои семафори.
Од почетокот на јуни, Германија беше 35 отсто зависна од увозот на руски гас, во однос на 55 отсто пред војната во Украина. Греењето на домаќинствата се уште е 50 отсто на гас.