Шпанските спасувачки екипи продолжуваат со интервенциите по катастрофалниот судир на два брзи воза во близина на Толедо, откако бројот на загинати се искачи на 64. Во несреќата се повредени и околу 80 лица, кои се пренесени во повеќе здравствени установи, додека надлежните служби работат на терен за да им помогнат на настраданите и да ги утврдат околностите на трагедијата.
Регионалната влада на Кастиља-Ла Манча ја потврди најновата бројка на загинати. На местото на несреќата се распоредени бројни екипи за итни интервенции, кои продолжуваат со спасувачките активности и згрижувањето на повредените.
Шпанскиот премиер Педро Санчез најави дека ќе ја посети локацијата на трагедијата, каде што ќе им даде поддршка на службите ангажирани во операцијата и ќе изрази сочувство до семејствата на загинатите.
Од шпанската влада соопштија дека главен приоритет е грижата за жртвите, како и координацијата меѓу сите институции вклучени во справувањето со последиците од несреќата.
Во спасувачката операција се вклучени и речиси 100 припадници на шпанската Воена единица за итни интервенции (UME). Тие располагаат со специјализирани тимови за пребарување и спасување, кучиња трагачи, опрема за интервенции во тешко достапни места, како и медицински и психолошки екипи.
На терен работат и пожарникари, полицајци, припадници на Цивилната гарда и други служби за итни случаи. Нивните активности се насочени кон спасување и извлекување на настраданите, транспорт на повредените и обезбедување на местото на несреќата.
Околностите што довеле до судирот на двата брзи воза остануваат предмет на истрага, додека Шпанија се соочува со една од најтешките железнички трагедии во земјата.