Македонија

Продолжува судењето за „Траекторија“, објавени СМС пораките на Јанакиески и Пешевски

Продолжи судењето за случајот на СЈО „Траекторија“. На денешното рочиште беа презентирани СМС-пораките на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески и екс-вицепремиерот, Владимир Пешевски, како и на соработниците од нивните кабинети, комуникација преку која се договориле кинеската компанија „Синохидро“ да ги гради автопатите во Македонија. Претходно, освен комуникацијата преку и-мејлови, имало и неколку средби очи в очи. Министерот Јанакиески барал на сите средби, присутен да биде и вицепремиерот Владимир Пешевски.

СМС комуникација меѓу Миле Јанакиески и Бојан Бејловски
-Министре, овие од „Синохидро“ се во Скопје. Прашуваат дали можат да се сретнав со Вас?
-Да, извести го и Пешевски.
-Во 18:00 часот нека дојдат кај Пешевски.

По овој разговор, по барање на кинеската фирма делегација од Скопје отпатува во Кина. За време на читањето на смс-пораките, обвинителката во случајот, рече дека е интересен фактот што делегацијата од Скопје во сите компании барала да најде билети од бизнис каса.

СМС комуникација меѓу Миле Јанакиески и Бојан Бејловски
-Министре, од „Синохидро“ прашуваат кога ќе одиме во Кина? Им требаат информации за да почнат со подготовките. Кој ќе биде во делегацијата?
-Ќе ти кажам.
-Билети од бизнис класа има само во Виена.
-Во ред, ќе се слушнеме.

На денешното судење дојде и до дефект на микрофоните во судската сала, по што судијата даде пауза. Но, и по паузата техничкиот проблем не успеа се реши, поради што неколку постапки беа одложени за наредни рочишта. Инаку, во случајот „Траекторија“ на СЈО, екс-премиерот Никола Груевски, екс-вицепремиерот Владимир Пешевски, екс-министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески и екс-директорот на ЈП „Државни патишта“, Љупчо Георгиевски, обвинети се дека во период 2012 – 2013 година извршиле кривично дело при избор на компанијата за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.  Според обвинението, обвинетите му нанеле штета на Буџетот од околу 155 милиони евра.

РЕПОРТЕР: АРМЕНД ГАШИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни