Министерот за образование и наука, Арбр Адеми, за ТВ21 вели дека од 2018 министерството го започнало процесот за решавање на отворените прашања поврзани со имињата на училиштата.
„Јас лично како министер за образование и наука но и институцијата со која раководам, не сакаме да создадеме тензии во образовниот процес кога станува збор за имињата на училиштата, но остануваме на ставот дека именувањето на училиштата треба да ја отсликува волјата на заедницата која гравитира во тоа училиште. Треба да се отсликува волјата на колективот на училиштето, на родителите, учениците, без да се создадат проблеми и тензии за вакво прашање во јавноста“, изјави Арбр Адеми, Министер за образование и наука.
Од општина Чаир, велат дека Советите на училиштата “Исмаил Ќемали“ и “Имри Елези“, ги завршиле сите процедури предвидени со Законот за основно образование, за промена на нивниот статус и име.
„Одлуката за промена на имињата на овие училишта помина и во Општинскиот совет на општина Чаир, а за тие одлуки веднаш беше информирано и Министерството за образование. Имајќи го предвид ова, ние сметаме дека оваа процедура е завршена, изразена е волјата на родителите и учениците на овие училишта. Сега чекаме и апелираме до МОН што поскоро да ја испочитува оваа волја и да донесе одлука за конечна промена на имињата на овие училишта“, изјави Куштрим Ала, портпарол на општина Чаир.
Претседателот на Сојузот на наставници Албанци, Нухи Дардишта, вели дека постапката за промена на двете имиња премногу се одолговлекувала и дека овие процедури за другите училишта биле завршени за пократок временски период.
„Не знаеме зошто има застој во промената на имињата на двете училишта во Чаир. Каде е проблемот? Можеби бидејќи проблемот еднаш се префрлува во министерството, а еднаш во општина. Согласно Законот за основно образование, член 21, алинеја 1, 2, 3 и 4, во алинеја 4 се вели дека за статусот на основните училишта согласност дава министерството. Единственото нешто што се бара со закон, колку што го познавам Законот за основно образование, е дека основното училиште бара согласност директно од Министерството за образование“, изјави Нухи Дардишта, претседател на Сојузот на наставници Албанци.
Според Дардишта, училиштата барањето за промена на името и статусот го праќаат во министерство и тие се обврзани во рок од 60 дена да вратат позитивен или негативен одговор.
Инаку, со МОН веќе неколку години раководи албански кадар на ДУИ. Досега, ниту еден од министрите не успеал да го реши проблемот на овие училишта.
РЕПОРТЕР: МЕВЉУДИН ИМЕРИ