Црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ на седницата на парламентот изјави дека Граѓанското движење УРА што го предводи нема да учествува во преговорите за формирање на нова извршна власт, во случај вечерва да падне неговата влада.
„Вечерва имаме опција да гласаме или не да гласаме за иницијативата на ДПС. Ако вечерва падне владата, нека ви е со среќа. Не го нарекувајте повеќе движењето УРА“, рече Абазовиќ како одговор на коментарите на пратениците.
Тој посочи дека иницијативата на Демократската партија на социјалистите (ДПС) за соборување на владата е поднесена по потпишувањето на Основниот договор со СПЦ.
„Иницијативата на ДПС дојде како резултат на потпишувањето на Основниот договор. Кога реков дека има луѓе кои гласно го бранат Основниот договор, за некои од нив тврдам дека немало да го потпишат. Не трепнав и не го направив ова за гласови и поддршка, туку за помирување на народот во Црна Гора, особено на православниот народ. И јас сум горд на тоа“, рече тој.
Во исто време, демократите на Алексе Бечиќ најавија дека ќе гласаат за „падот на владата на ДПС“.
„Ние вечерва не уриваме ништо друго освен Владата на ДПС. Ја уриваме владата на ДПС, а на оние кои народот ги избра на 30 август да прават промени по 30 години од претходниот режим, им нудиме да потпишат дека по падот на власта нема да прават комбинации со ДПС, туку дека ќе го вратиме тоа мнозинство што беше волја на изборите“, рече Мартиновиќ на седницата на парламентот на која единствена точка на дневен ред беше барањето за недоверба на владата на Дритан Абазовиќ.
Предлогот за недоверба на Владата го поднесоа 36 пратеници на Демократската партија на социјалистите (ДПС), Социјалдемократската партија, Либералната партија, Социјалдемократите и Демократскиот сојуз на Албанците, само неколку часа откако Абазовиќ ја потпиша Основен договор со Патријархот на Српската православна црква, Порфири.
За конечен пад на Владата неопходен е глас од 41 пратеник, што значи дека на ДПС и на коалиционите партнери им недостига еден глас.
Демократите на Алекса Бечиќ беа претходно споменати како врв на вагата што може да и го обезбеди потребното мнозинство на ДПС или, пак, да му помогне на Абазовиќ да остане на премиерската позиција.
Од оваа партија претходно најавија дека ќе донесат одлука за гласањето на самата седница, но пратеникот Мартиновиќ сега најави што ќе прават демократите, со што е поизвесно дека владата на Абазовиќ ќе падне вечерва.