Од кобната сообраќајка со автобус што се случи на 13-ти февруари, петмина и понатаму се во критична состојба. Тројца се наоѓаат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, а двајца во Градската општа болница „8 Септември“. Четворица пациенти кои лежат на Клиниката „Мајка Тереза“ се на интензивна нега. Алберт Леши од Ургентен центар, информира дека двајца од нив се во критична, а двајца во стабилна состојба. Во животна опасност е 19-годишната девојка, на која пред неколку дена ѝ беше ампутирана ногата и на која досега ѝ се извршени три хируршки зафати.
„Во Одделот за интензивна нега има четворица пациенти, од кои двајца и понатаму се во критична состојба. На механичка вентилација, односно на вештачко дишење се двајца пациенти, а другите двајца се стабилни. Девојката, која е и првата пациентка од повредените која беше примена на нашата клиника, ѝ се извршени три операции. Нејзината состојба сѐ уште е сериозна и е во животна опасност“, изјави Алберт Леши – Клинички центар „Мајка Тереза“.
Во Градската општа болница „8 Септември“ има 18 пациенти. Двајца и понатаму се во критична здравствена состојба. Тие се лекуваат на Одделот за интензивна нега и се на механичка вентилација. Едниот од нив дава знаци на живот и состојбата му се подобрува. Другиот пациент пак, е во иста состојба како што бил, но стабилен, вели директорот Христијан Костов. Уште еден пациент се наоѓа на полу-интензивна нега на Одделот за трауматологија.
15-годишното момче, кое воедно е и најмладиот пациент кој лежи во оваа болница е во стабилна состојба, објаснуваат од „8-ми Септември“. Наскоро се очекува да биде преместен на Одделот за абдоминална хирургија. Останатите повредени се наоѓаат на Одделот за трауматологија и се во добра здравствена состојба. Утре се очекува, на домашно лекување да бидат пуштени најверојатно петмина пациенти од „8 Септември“. Во трагичната несреќа животот го загубија 15, а повредени беа 39 патници.
РЕПОРТЕРКА: АЛМЕДИНА ИСМАЈЛИ